На четири дена пред роденденот на нашата најголема музичка легенда Тоше Проески, утре во Македонската опера и балет ќе се одржи четвртиот по ред меморијален концерт во негова чест.
Концертот ќе започне во 20.15 часот, а годинава за прв пат на сцената на МОБ, ќе имаме можност да ги слушнеме неговите најголеми хитови во нов аранжман испеани од голем број ѕвезди од Македонија и Балканот.
Од Фондацијата “Тоше Проески“ најавуваат спектакуларен концерт, нешто на што Тоше многу би му се радувал.
“На концертот му претходеа подготовки од неколку месеци, а ја одбравме салата на Македонската опера и балет поради одличните технички услови кои ги бараше самиот концерт. Целиот проект чини околу 35.000 евра, средства кои поголемиот дел беа обезбедени од Фондацијата и Министерството за култура со финансиска поддршка на ЕВН Македонија“, изјави Андреј Николовски, извршен директор на Фондацијата “Тоше Проески“.
Тој посочи дека МОБ има ограничен број на седишта, а истакна и дека во продажба биле пуштени само 600 влезници за концертот, чија цена изнесуваше 1.500 денари.
Цената Николовски ја оправдува со тоа дека се работи за специфичен концерт за кој има многу трошоци. Во јавноста не стивнуваат коментарите откако беше објавена цената на влезниците, за која фановите на Тоше, бурно реагираа.
“Жалам за негативните коментари, но подготвување на концерт како овој, има многу трошоци. Од организација, техника, озвучување, дневници за уметници и учесници, па се до авионски карти и сместување на гостите од странство. Фондацијата свесно влегува во финансиска загуба, но ќе продолжиме да работиме додека можеме со она што Тоше го остави во аманет“, вели Николовски.
Дел од средствата од влезниците ќе бидат наменети за хуманитарни цели, како што посочи, односно за набавка на неопходна опрема во детската клиника во Скопје.
Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска изјави дека овој концерт е продолжување на делото на Тоше.
“Со овој концерт на кој ќе бидат отпеани голем дел од неговите песни, ќе се потсетиме на неговото дело и харизма. Ние ве уверуваме дека како и до сега, така и во иднина ќе продолжиме да ги поддржуваме сите иницијативи поврзани со Тоше“, изјави Канческа Милевска.
Таа најави дека во април, на првата годишнина од изградбата на Спомен куќата на Тоше Проески во Крушево, ќе биде промовирана и монографијата за неговиот живот и дело.
На утрешниот концерт учество ќе земат Аленка Годар од Словенија, Иван Томашев од Србија, Ѓорѓи Цуцковски од Македонија, Весна Гиновска Илкова, симфониски оркестар, хорот “Про арс“, и бендот на Тоше под диригентската палка на Саша Николовски Ѓумар.
Неговата омилена песна “Арија“ во инструментална верзија ќе ја изведат маестро Симон Трпчески и Влатко Стефановски.