Голем интерес во Риека за гостувањето на македонската поп-ѕвездаЏибони, Тоше Проески, Тереза и Младен Грдовиќ се пејачи кои во Хрватска ќе имаат најдебел хонорар за новогодишната ноќ. За вистинската цифра постојат најразновидни информации и шпекулации, а тамошниот печат наведува цифри - од 10.000 до 100.000 илјади евра.
Колку навистина новогодишната ноќ ќе му се позлати на Тоше не' информира неговата менаџерка Лилјана Петровиќ.
- Владее огромен интерес за гостувањето на Тоше на плоштадот во Риека, а идејата потекна од градоначалникот Војко Оберснел. Факт е дека и Тоше и Џибони најдобро се котираат по топ-листите, популарни се и сето тоа си има своја атракција и во цената. Тоше ќе пее за сумата што ја заслужува, а тоа е за нијанса помалку од неговиот колега Џибони.
Загатката се чини решлива - според пишувањето на хрватскиот „Вечерњи лист“, новогодишната „берба“ на Џибони изнесува 30.000 евра, а нашиот Тоше ќе пее за пет илјади евра помалку.
Минатата година за највеселата ноќ Тоше од настапот на Скопскиот плоштад зеде 10.000 евра. Од сентиментални причини. Кога работи разумот, очигледно, подобро се заработува. Тоа може да го потврди Цеца – таа, и покрај најавите за Нова година во Скопје, својата песна ќе им ја подари на гостите на Копаоник за многу нули. Поточно, за несентиментални – 100.000 евра. (В.Т.)