Пред и по Тоше… Вале: Многу е тешко да се потенцира било што за пред и по Тоше. Секако дека по Тоше и кај мене желбата се изгуби. Јавно кажав уште првиот ден кога замина, и никој не ми замери. Тоше беше друга личност, друга димензија, сосема друга енигма за сите нас и затоа поврзаноста на секој од нас со него, ја оправда и мојата поврзаност. Во Македонија многу работи се мерат на пред и по Тоше. Ништо не е исто ни пред неговото појавување, ни по неговото заминување, но од друга страна сфаќам дека нему светот му беше мал, оваа планета му беше тесна и едноставно мораше да го напушти овој облик.
Баш и по неговото заминување многу работи станаа јасни на нашата „естрадичка“… Вале: Тоше беше едно цунами, една фурија, еден феномен што сите ги запрепасти и шокира. Многу кратко живееше баш како метеор. Се појави, светна, блесна и исчезна. Целата ситуација колку и да ја анализирам мене ми е како лавиринт. Ако одговорам на едно прашање се јавува друго, а ако тоа го одговорам повторно нешто ново ќе се појави. И кога беше жив постоеше една прикриена силна машинерија која работеше на неговото уништување, ликвидирање како естрадна личност. И по неговото заминување исто така постои таа машинерија која овој пат работи на уништување на неговиот спомен. Ова најодговорно го тврдам. Имам сознанија за многу луѓе кои не сакаат неговото име да биде експонирано на начинот на кој треба да биде. Знаеме дека ако не го признаеше Балканот, ниту кај нас немаше Тоше да добие толкав, глупаво е да кажам публицитет, бидејќи Тоше никој не го доживуваше како јавна личност, туку како дел од себе. Тој се спои со сите луѓе и на сите им навлезе на еден необјаслив начин. Не постои според мене таква машинерија која може да го уништи или расипе неговиот спомен, може само на извесно време малку да го затаи.
Смртта на Тоше ќе биде вечна тема на размислување. Според тебе се работеше за несреќа или убиство? Вале: За мене тоа веќе нема важност. Него го нема, но ако дознаам кој тоа го сторил, ако навистина постои некој таков, сега само ќе му се насмевнам, иако изминатите години не мислев така, мислев дека очите ќе му ги извадев. Многу размислувам на тоа и сфатив дека неговиот живот беше енигма и таква треба да остане неговата смрт. На почетокот кога дознав дека не е веќе меѓу нас, го помислив истото што го помисли секој човек, но не може да се бара виновник, тој се стремеше кон совршенство кон Бога…
Но кога веќе толку веруваше во Бог, не требаше на таков начин да заврши… Вале: Тајните на Бог никој не ги знае, ги знае само тој. Можеби Тоше умре на начинот на кој тој посакуваше. Сакаше со гордо крената глава да го живее животот и така да ја дочека и смртта.
Што мислиш за Зоран Божиновски? Вале: Не го познавам лично дечкото. Мислам дека малку е агресивен, но се има две лица, вистина и лага, веројатно тој се потпира на нешто кое тој ќе го објасни. Исконтактиравме еднаш на Фејсбук и го прашав само дали навистина средствата кои ќе ги заработи ќе ги донира во хуманитарни цели. Тој ми кажа дека тоа и ќе го направи, а ако тоа е навистина така тогаш ќе сфатам дека е навистина со добра намера. Нека го каже тоа што го знае публиката секогаш сака да слушне нешто без разлика колку е тоа болно.
Тој кажа дека Тоше е жив и се крие кај Папата! Вале: Тоа се секакви глупости, а секој сака да искористи нечија слабост или несреќа. Постоеше таа шпекулација, но мислам дека нема никаква потреба Папата да го крие Тоше во Ватикан, туку напротив Тоше е дијамант кој би требало да го видат сите.
Да беше жив немаше ниту на родителите да им дозволи толку да патат по него… Вале: Секако. Менталниот склоп на Тоше беше поинаков од сите луѓе што ги знам на светот. Тоше имал две средби со Папата на кои тој останал многу воодушевен и приврзан. Голема глупост е да се тврдат такви работи бидејќи Тоше пред се беше православен и ги почитуваше сите вери. Толку е апсурдно тоа да е вистина што и да е вистина, не би поверувала.
Дали и е местото на Калиопи на Евровизија? Вале: Се дигна голема фама околу Калиопи. Да не се лажеме, можеме колку сакаме да ја потценуваме и да ја деградираме, но факт е дека Калиопи е силна ѕверка на нашата естрада. На секого му е местото на Евровизија. Калиопи ја заслужува шансата. Ако постоеше сеуште таа југословенска естрада, никој немаше ниту да и се приближи да се сликаат со неа. Уште од тогаш владееше со таа сцена. Со самото тоа што ја промовира Македонија на свој начин, без разлика што имала силни емотивни стресови и падови во животот, тоа никогаш не се одразило на нејзината музика. Начинот на кој таа оди на Евровизија се подудира само на она што таа беше борец против тоа. Калиопи не беше најголемата непријателка на Тоше, Калиопи и Тоше беа пријатели. Тие имаа расчистено за тоа, не можеме да правиме проблем за нешто што меѓу нив е решено. Според мене најголемата грешка на Калиопи беше што изреагира така против Тоше, како колега. Не требаше на таков начин да си ја бара шансата, нејзиниот втор кикс беше што не им ја честиташе победата на Некст Тајм. Третата грешка беше кога ја уцени публиката или јас или нема да ме видите. Нема никаква кривица во изборот на Калиопи, ако сакаме да бараме кривец тогаш треба да се обратиме кај организаторите. Во таа куќа никогаш не се пронајде прифатлив и успешен модел на кој начин ќе се одбере, подготви и прати претставникот. МТВ треба да направи паметен избор, а не да се оди по пријателски линии, треба да се одбере добра песна, не да и се допадне само на Калиопи. Таа мора да сфати дека Еворивзија си има свои правила. Кога се појави „Рум дум дум“ да бев во салата ќе гаѓав со јајца. Секоја чест на Кире Костов, тој вели дека тоа беше една од најдобрите македонски песни, но јас му реков како може еден човечки ум да создаде толку лошо музичко поп дело. Ако Калиопи сега одбере таква песна сама ќе си ја запечати кариерата и ќе докаже само дека не била во право што барала да оди на Еевровизија. Ако одберат песна како што одбраа со Тоше ќе ја уништат.
Колку се подготвени и компетентни МТВ да одлучуваат за Евровизија. Дали Петар Ѕалев треба да одлучува за македонскиот претставник? Вале: Тој се нашол на таа функција и мора еден да е на таа функција. Мери Попова е шеф на делегација, таа е компетента и музички поткована и верувам дека ќе си ја искористи шансата. Ако паметно анализираат ќе го направат вистинскиот избор. Во МТВ никој не се нафаќа за Евровизија, сите бегаат кога некој ќе го повика. Знаеме тоа е настан во кој нема пари и кој е тој што ќе се нафати за после да го плука цела јавност. Проблемот е што нема професионален музички тим во МТВ, општо и покрај тоа што ги имаат сите услови.
www.bezpardon.mk