Со концерти, спортски настани и емисии днеска ќе се одбележат четири години од смртта на Тоше Проески, нашата поп икона.
Осумнаесетте маратонци што го трчаат ултра маратонот долг 1.100 километри во чест на балканската поп ѕвезда рчаат од Нова Градишка, Хрватска, денеска треба да пристигнат во Крушево. Традиционално маратонот треба да заврши на неговиот гроб на Гумење.
Во сеќавање на Тоше, неговите обожаватели од „Тоше фан форумот“ пред десетина дена организираа крводарителска акција, а се одржа и третиот меморијален концерт во спомен на четиригодишнината од неговиот последен хуманитарен концерт. вечерва членовите на фан клубот и на форумот на Тоше организираат по трет пат манифестација во негова чест.
Фондацијата Тоше Проески и одбојкарската федерација на Македонија, на крајот од септември во Крушево организираше Меморијален меѓународен одбојкарски турнир.
Несреќата во која загина најголемата музичка ѕвезда во Македонија, која го обедини и Балканот, се случи утрото на 16 октомври 2007 година во близина на Нова Градишка, кога џипот „туарег“ управуван од Ѓорѓи Ѓорѓиевски на пат кон Загреб удрил во камион, па во заштитната ограда на автопатот. Тоше загина на самото место, а Ѓорѓиевски и менаџерката на Тоше Лилјана Петровиќ имаа полесни повреди.