Љупчо Јордановски, Никола Груевски, Владо Јаневски, Влатко Стефановски се само мал дел од имињата на кои се излистуваат голем број корисници во телефонскиот именик
Три или четири девојчиња ми се јавуваа на мобилниот и на фиксниот телефон за им ја кажам домашната адреса на Тоше Проески. Цела недела траеше „опседнувањето“, ама најупорно остана само едно од девојчињата што, откако сите се откажаа, продолжи да ми ѕвони. Залудно ја убедував дека не сум таа Лилјана Петровиќ што ја бара.
Ми рече: „Ама јас ви го препознавам гласот, вие сте сигурно менаџерката на Тоше. Искрено да ви кажам, на телевизија сте многу пољубезна отколку во живо“.
Тогаш работев во една осигурителна куќа, па за да престане да ми се јавува и реков да дојде и да ме побара на портирница за да се видиме „очи в очи“ и да се увери дека не сум жената што ја бара. По тој предлог, престана да ми врти. Ова е само една од случките на 53-годишната скопјанка Лилјана Петровиќ, која го носи истото име и презиме како и менаџерката на нашата мегаѕвезда Тоше Проески. Иако не „раководи“ со кариерата на Тоше, туку работи во осигурителна компанија, сепак, одвреме-навреме и се јавуваат продуценти, музичари, обожаватели за да букираат настап или само да и кажат збор два. Нејзината популарност се должи на името Лилјана Петровиќ, под кое и се регистрирани и мобилниот и домашниот телефон.
Голем број личности меѓу двата милиона Македонци носат исти имиња и презимиња. А некои од граѓаните, пак, имаат ист „идентитет“ како познатите личности.
Периодот кога пејачот Владо Јаневски беше популарен во групата „Ластовица“, за пензионерот Владо биле „пеколни“ години.
- Право да ви кажам и жена ми ќе ме оставеше поради девојчињата што се јавуваа - на шега вели 76-годишниот Јаневски.
Тој ниту пеел „Чаирска романтика“, не настапил на „Евровизија“, не продал албуми во илјадници примероци, но ете, среќата го послужила во животот да има многу обожаватели. Вели дека последниве неколку години девојките не го бараат како порано, ама не е важно бидејќи семејството се навикнало на неговата популарност.
Можеби не ја „вжештува“ гитарата и не свирел во култниот бенд „Леб и сол“, но ете и еден Битолчанец е популарен како Влатко Стефановски.
- Кога одам по шалтери секогаш ме прашуваат дали сме братучеди со гитаристот. Се случувало и да го бараат на телефон, ама кога ќе им кажам дека згрешиле веќе не се јавуваат - вели 40-годишниот Влатко.
„Еве ни го премиерот, ќе ни каже збор-два за државата“, „Внимание, пристигнува поранешниот министер за финансии“. Ова се најчестите шеги што ги слуша 17-годишниот Никола Груевски од Ресен од своите другари и соученици во ДСУ „Цар Самуил“. Не се појавил на телевизиските екрани, ама името и презимето што го „наследил“ од деда си го прават популарен.
Љупчо Јордановски, Сузана Спасовска, Никола Поповски, Филип Петровски се само мал дел од имињата на кои се листаат десетици корисници во телефонскиот именик. А на обожавателите најчесто „во рака“ им паѓа погрешен број, па потрагата по идолот завршува со „мачење“ на обични луѓе со популарни имиња и презимиња.