Сликарот Сократ Лафазановски на 25 јануари во Спомен-куќата на Тоше Проески го донираше делото „Гласот на ангелот“
Во Спомен-куќата на Тоше Проески во Крушево од 25 јануари, од денот на неговото раѓање, се наоѓа и делото „Гласот на ангелот“, слика на ликовниот уметник Сократ Лафазановски, која во свое име и во име на својата сопруга ја донираше со голем пиетет кон животот и делото на прерано починатата музичка ѕвезда.
„Тоше е нашата македонска гордост и легенда на песната, поп-икона и амбасадор на хуманоста“, го оживеа повторно деновиве својот спомен за Проески сликарот кој живее и работи во Скопје и чие уметничко творештво не е врзано само за ликовната уметност, туку и за музиката. Но, Лафазановски зад себе има и 14-годишна професионална балетска кариера врзана за сцената на театрите во Букурешт и во Брашов (Романија) како и за Балетот при Македонскиот народен театар во Скопје.
Со Проески, како што вели, се договарал да му направи портрет неколку месеци пред неговото загинување, но не успеал и да ја оствари.
„Тоше беше прифатлив за портретирање, но, за жал, не успеав да го портретирам бидејќи во тој период беше зафатен со испити. Нас не' врзуваше уметноста, и тој свиреше и гитара и пијано, а на овие инструменти свирам и јас“, си споменува Лафазановски, кој престанал да игра балет по доживеана сообраќајна несреќа на 28-годишна возраст. Оттогаш, вели, игра балет, но само на платно, со четка.
Значаен избор од неговите слики, во чиј фокус е светлината, публиката имаше можност да види минатата година во Музејот на град Скопје на ретроспективната изложба отворена по повод 40-годишнината од неговото богато ликовно творештво. „Јас сум сликар на чија палета стојат сите бои, но се стремам да го потиснам мракот и на виделина да излезе светлината без која нема живот. Светлината ми помага, таа ме храни. Сликам само дење, бидејќи само тогаш светлината и може да се доживее. Ниедно вештачко светло ноќе за сликање не може да ја замени дневната светлина“, вели Сократ Лафазановски.
Критиката го нарекува „сликар на светлината и универзумот“, а тој напоменува дека кога и самиот мисли дека слика фигури, силуети, луѓето повторно на платната препознаваат ѕвезди, светлина.
Посочува дека досега донирал околу 200 слики, но тука не ги вбројува и донираните минијатури. Планира годинава да донира 16 свои дела на различни личности, здруженија на граѓани, институции меѓу кои се и пијанистот Симон Трпчевски, ракометарот Кире Лазаров, Македонската опера и балет и други.
Лафазановски за време на одржувањето на годинашната манифестација „Мајски оперски вечери“ би сакал во МОБ да има и своја самостојна изложба, но останува, сепак, таа и официјално да ја најави.