Голема врева се крена и произволни и неосновани констатации, коментари и текстови се изнапишаа низ медиумите, откако се расчу дека влезниците за претстојниот концерт посветен на легендата Тоше Проески можеби ќе изнесуваат од 20 до 25 евра.
Цената е сосема оправдана, ако се земе во предвид програмата која ќе ја понуди концертот, масовноста на сцена, како и трошоците за организација со кои е соочен организаторот и чинат околу 30.000 евра.
Многу повеќе и далеку побогата програма ќе има на овој концерт, од концертите на диџеи или разни балкански и светски пејачи, за чии настапи се плаќа приближно толку, па и повеќе.
Под наслов
„Неговите арии- те сакаме сите“, четвртиот меморијален концерт во чест на 25 јануари, датумот на роденден на нашата најголема легенда ќе се случи во МОБ, но четири дена пред тоа, на 21 јануари.
Во спомен на големата љубов на Тоше, класичната музика, поп хитовите на Тоше на оперски начин ќе ги отпејат најголемите оперски пејачи од земјава и Балканот.
На сцена ќе продефилираат 140 уметници, музичари, хористи, бендот на Тоше, а диригент ќе биде соработникот и професор на Тоше, Саша Николовски- Ѓумар.
Сите тие напорно вежбаат, направени се нови аранжмани за песните (во аранжман на Сале од бендот на Тоше, Ѓумар и Дамир Имери), отпечатени се копии со партитури, а специјална екипа ќе се погрижи во МОБ да се донесе клавирот на маестро Симон Трпчески.
На видео бим ќе се даваат инсерти од операта „Деспина и Мистер Догс“. Во паузите, додека се менуваат пејачите на бина, ќе се инсертира со снимки на две танчерски двојки кои ќе танцуваат во Спомен куќата на Тоше во Крушево (нешто слично како на Виенскиот новогодишен концерт).
Поради потребите од специјалната акустика, концертот ќе се одржи во наменски простор – Македонска опера и балет, МОБ, а организаторот тоа го направи во консултација со стручни лица.
“Изминативе месеци се консултиравме со многу стручни лица, околу акустиката на ваква специфична програма. Затоа го одбравме МОБ. Факт е дека овој простор не може да ги собере сите фанови на Тоше, но затоа ќе има одличен ТВ пренос на СИТЕЛ, а можеби и на МТВ 1”, најави Сашо Митков, вклучен во организацијата.
Доколку овој меморијален концерт се одржеше во салата Борис Трајковски, продажбата на картите ќе донесе далеку поголема заработка, за разлика од 500 билети кои ќе бидат за продажба за МОБ, но тоа ќе значеше и лоша акустика, што ќе го упропастеше концертот.
Целата јавност ќе го проследи со директен телевизиски пренос.
Зад организацијата стојат Меѓународната фондација „Тодор Проески“ и Министерството за култура.
Џана Нанини нема да дојде Италијанската пејачка ѕвезда Џана Нанини со која Тоше ја испеjа „Арија“, нема да дојде. Таа се заблагодарила за поканата, но нагласила дека и доколку присуствува на концертот, „Арија“ нема да ја пее, од емотивни причини.
Џана и Тоше имаа заеднички настап во белградска Арена на 14 февруари 2007. Токму за време на тој концерт почина нејзиниот татко.
Валентина Ѓоргиевска Парго
БезПардон.Мк