Авторите на проектот, архитектите Дејан Секуловски, Дејан Спасеновски и Илија Божиновски парите од наградата ќе ги донираат во некој од детските домови Спомен куќата на Тоше Проески во Крушево е добитник на големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2011 година. Повелбата за наградата на авторите на проектот Дејан Секуловски, Дејан Спасеновски и Илија Божиновски им ја врачи претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, кој е и покровител на манифестацијата која секоја година се одржува во организација на Асоцијацијата на архитекти на Македонија.
Петчлената комисија составена од еминентни архитектонски имиња го одбра проектот Спомен куќа на Гумење во Крушево меѓу трите апликации, како дело кое се издвојува по својата основна идеја, но и по нејзината архитектонска реализација. Ова е втора голема награда за тимот архитекти од "Синдикат студио". Пред неполни два месеца Спомен домот на Тоше беше прогласен за најдобар изведен објект на Светскиот фестивал на архитектурата во Барселона.
"Ова е голема чест за нас и потврда за вредноста на објектот. Навистина, добивме награда и на светско ниво, но, сепак, домашното признание има посебна убавина и сатисфакција, бидејќи се работи за најголемата награда што може да ја добие едно архитектонско решение. Задоволството е големо, особено што ја доделува еснафот, врвни архитектонски имиња", рече еден од авторите на делото, архитектот Дејан Секуловски при доделувањето на големото признание.
Својата прва парична награда архитектите Секуловски, Спасеновски и Божиновски ќе ја донираат во некој од детските домови во државава. Каде, дополнително ќе одлучат.
"Наградата ќе ја намениме за истата цел за која се залагаше Тоше. Сметаме дека на тој начин ќе ја продолжиме неговата хумана мисија", дополни Секуловски.
Спомен куќата на Тоше Проески е така проектирана и изведена што е иделано вклопена во непосредното опкружување со истористи споменици. Објектот како природно да изникнува од косиот терен, а неговата основна форма - крстот е видлив од сите страни. Инспирацијата за целокупниот проект, од комплетниот објект, па се' до дообликувањето на просторот била едноставна - Тоше.
Спомен-куќата на Тоше најприродно се вклопи со теренот, стрмнината на Гумење..."Ја погодивте најбитната и појдовна точка која ни беше водилка при проектирањето на објектот. Една од најтешките задачи беше да се вклопи еден ваков објект на таа местоположба, опкружена со историски споменици во легендарното Крушево. Сакавме да биде вклопен во косиот терен, не сакајќи да му парира на 'Македониум'. Идејата ни беше објектот да изникнува од теренот, вклопувајќи се природно со столетните дрвја, при што и вториот важен симбол, кој е составен дел од идејата - крстот, ќе биде видлив од сите страни. Кога за тие два елемента го најдовме најсоодветното решение, останатото беше многу лесно. Инспирација за понатамошното дообликување на просторот, и надвор и внатре, можеше да се најде на секој чекор: сеедно дали се тоа лисјата аплицирани на фасадата што се земени од неговото последно цеде, неговата изјава 'Ве сакам сите' што ја поставивме во ентериерот на 100 различни јазици или се тоа неговите размислувања во врска со верата, љубовта, семејството, поставени во молитвеникот. Мислам дека и најубавиот комплимент што го добивме за нашиот труд беше и еден коментар од музеолог, кој гледајќи го просторот пред да се постави музејската поставка, кажа дека и без ниту еден предмет во витрините, Спомен-куќата со сите детали вградени во ентериерот доволно говори за Тоше".
Обврската и одговорноста е уште поголема со оглед на огромниот број обожаватели на Тоше . Токму затоа - што беше предизвик "Синдикат студио" да го прифати овој ангажман? "Пред да се пријавиме на конкурсот за овој објект, како студио што постои од 1994 година, учествувавме на десетина слични конкурси, сакајќи да се натпреваруваме и да се презентираме пошироко во јавноста. Неколку месеци пред ова, со колегите се договоривме дека треба да се заврши тој период од нашето творење. Но, се објави расписот и ни ги измеша плановите. Кога им кажав на Дејан и Илија дека треба да работиме уште еден конкурс, ме потсетија дека токму јас бев најгласниот во одлукатa, но кога видоа за кого се работи, немаше двоумење. Предизвикот беше самиот Тоше. Обврската и одговорноста беше огромна не само кон неговите фанови, туку и кон целата јавност. Мислам дека резултатот на нашиот труд никого не остави рамнодушен или разочаран".