Нашата ѕвезда Тоше Проески, почива под импровизирана гробница. Под земја покриена со теписон од вештачка трева и заградена со бекатон-плочки за да не се одронува
-Моменталната состојба на гробот е многу лоша. Телото на Тоше е покриено со земја која постојано тоне, а над неа има теписон од вештачка трева. Паѓаат и бекатонските плочки ставени од страна. Се се распаѓа, вели Ратко Трајчевски за "Дневник" задолжен за обезбедување на гробното место.
За жал, тоа не е единствениот проблем, кој треба да се санира. Пропаѓа и покривната конструкција.
-Покривот го направивме како привремен објект за една година. Надлежните не сакаа да вложуваат многу пари, затоа што, според плановите, по една година требаше да почне изградбата на споменикот. Еве поминаа повеќе од четири години, а привремениот покрив си стана траен. вели мајсторот Никола Цветковски, додавајќи дека и снегот направил дополнителна штета на покривната конструкција, за веќе ситуацијата да стане алармантна.
Надлежните повеќе пати ја игнорираат состојбата на гробот на Тоше Проески, велејќи дека набргу ќе почне да се работи на изградба на најавеното споменнобележје.
- Жално е вака да изгледа местото на кое почива голема ѕвезда и личноста што ја прослави Македонија не само на Балканот туку и во светот, вели Трајчевски за "Дневник".
Освен крушевчани кои не кријат дека се разочарани и тажни од ваквата слика на Гумење, ни странските туристи не се воодушевени од состојбата на гробницата на најголемата македонска ѕвезда.