НА „СУНЧАНЕ СКАЛЕ“, ХЕРЦЕГ НОВИ (11.07.2006)Принчеви награди за Елена, Тоше и за Каролина
Македонија годинава ја претставуваат рекорден број пејачи, меѓу кои и Калиопи, Маја Гроздановска-Панчева и Мартин Вучиќ
На познатиот црногорски музички фестивал „Сунчане скале“, што почна завчера со доделувањето на Принчевите награди за најдобрите изведувачи и автори во изминатата година, македонските пејачи освоија поголем дел од трофеите. Статуетката за најдобар дебитант и' припадна на Елена Ристеска, која на сцената на Канли-кулата во Херцег Нови ја изведе евровизиската тема „Нинанајна“. Чедо Поповски, кој го реализира спотот за нумерата „Се лажам себе“ на Каролина Гочева, ја освои наградата за најдобар видеозапис. Гочева пред тамошната публика се претстави со нумерата „Бела“, што ја изведе во дует со Аки Рахимовски, пејачот на „Парни валјак“. Оваа нумера во Хрватска е голем хит и претставува официјална химна за борба против дрогата.
Тоше Проески и Тони Цетински ја понесоа титулата дует на годината за темата „Лагала нас мала“. Проески не се појави на сцената поради обврските поврзани со неговата европска кариера. На Дарко Димитров му припадна наградата за најдобар аранжман, за песната „Ниси мој“, што ја пее Александра Радовиќ.
Посебно е значајно што оваа награда ја доделуваат новинари од повеќе од 250 радио, телевизиски и печатени медиуми од Србија и од Црна Гора. Интересно е што наградите се наречени „Принчеви“ во знак на сеќавање на црногорскиот принц Мирко Петровиќ, син на црногорскиот крал Никола, кој бил познат и како композитор на црногорскиот двор.
Македонија годинава има рекорден број претставници на овој фестивал, а во списокот на учесници ќе бидат Калиопи, Елена Ристеска, Маја Гроздановска- Панчева, Маја Оџаклиевска и Мартин Вучиќ, кој ќе пее во дует со хрватскиот пејач Горан Каран. Тие ќе пеат на последната, главна вечер, наречена „Песна на летото“, што ќе се одржи вечерва.
Калиопи ќе ја пее „Силна“, песната со која се претстави на домашниот „Евросонг“, но на српски јазик.
Елена ќе се претстави со нова тема на композиторот Дарко Димитров со наслов „Не многу“. Маја Гроздановска-Панчева ќе ја изведе композицијата „Њу је лакше мрзети“ од српскиот автор Чеда Чворак, лидерот на белградското денс-дуо „Луна“. Маја Оџаклиевска ќе се претстави со баладата „Море од лаги“ на Григор Копров. Мартин и Каран ќе ја пеат „Тише куцај срце моје“. На втората фестивалска вечер, наречена „Ноќ на млади ѕвезди“, што се одржа синоќа, настапи македонскиот претставник Владимир Томовски. Тој се претстави со темата „Четири дана“ на композиторот Урош Марковиќ. Ова е негово прво фестивалско искуство.
Фестивалот „Сунчане скале“ годинава се одржува по 12. пат, а годинава на фестивалската сцена ќе настапат и изведувачи од Германија, Италија, Русија и од Грција.