Додека името на Тоше Проески се поврзува со зборот хуманост, некој сака да профитира користејќи го ликот и делото на најпознатиот македонски ангел.Наместо концерт од хуман карактер кој повторно ќе ги сплоти неговите фанови, се организира концерт во чест на Тоше со прескапи влезници. Од 1200-1500 денари за билет ќе треба да платат оние кои сакаат да бидат дел од меморијалниот концерт на нашата легенда.
Концертот ќе се одржи во Македонската опера и балет. Оваа година не се испочитува ни датумот на неговиот роденден, па концертот ќе се одржи на 21.јануари.
Курир трагаше по вистината каде е вината за сето ова. Кој одлучил селективно да се постапи со фановите на Тоше? И кој ќе профитира од прескапите влезници.
Стапивме во контакт со зетот на Проески, Славе, кој е дел од Фондацијата „Тоше Проески“.
-Пишувањата во дел од медиумите дека влезниците ќе бидат прескапи не се вистинити. Тие ќе се продаваат по цена од 1200 денари, рече Славе.
Зад организацијата на меморијалниот концерт, освен Фондацијата „Тоше Проески“, застанува и Министерството за култура. Во диктирањето на цената и во одлуката каде ќе бидат пренасочени средствата, министерството не игра улога.
-Концертите во чест на Тоше, ние традиционално ги поддржуваме преку годишната програма. Сепак, одлуките околу концертот ги носи Фондацијата, велат од министерството за култура.
Извршниот директор на Фондацијата, Андреј Николоски не посочи конкретно каде ќе отидат парите од влезниците кои чинат 1200 денари.
-Дел од средствата се предвидени за хуманитарни цели. Сеуште немаме одлучено каде ќе бидат пренасочени, но ќе донесеме и таква одлука, изјави Николоски.
На концертот ќе настапат симфонискиот оркестар и пријателите на Тоше. Додека балканската музичка ѕвезда настапуваше на хуманитарни концерти бесплатно, со меморијалниот во негова чест, не е така.
Во Фондацијата прашавме дали пејачите ќе земат хонорар, а одговорот беше негативен.
Тогаш, зошто се толку скапи влезниците, кој ќе земе пари за хуманитарен меморијален концерт?
-Треба да се плати Симфонијата, а чини и обработката на песните, одговори Николоски.
Фановите на Тоше разочарани. Низ Интернет просторот реагираат со тажни пораки, но и со навреди кон организаторите.
„Никој не е достоен да организира концерт во негова чест“. „Тоше не зеде пари, зошто другите да земат“. „Тоше никогаш не ја делеше неговата публика на богати и сиромашни. Сега само оние кои имаат пари можат да отидат“. „Тој сакаше сè поголема публика, а во МОБ собира само 1000 луѓе. Со што заслуживме вака“? Ова се само дел од коментарите на фановите на Тоше.
Штетата е веќе направена. Кога името на Тоше Проески стана адут за профит, нека им служи на чест на оние кои ќе го искористат.