Македонскиот, а балкански познат гитарист Влатко Стефановски, на утрешниот концерт во чест на Тоше Проески, ќе ја отсвири песната „Арија“, која Тоше своевремено ја пееше со италијанката Џана Нанини.
Ова било желба на Влатко, и се очекува песната да биде изведена само инструментално, без пеење.
На овој спектакуларен настан, во чест на 25 јануари, роденденот на Тоше, ќе присуствуваат многу уметници од Македонија и од Балканот. Ќе ги отпеат големите хитови на легендата, во нов, оперски аранжман, направени од страна на диригентот Саша Николовски – Ѓумар, Сашко Николовски, Илија Пејовски и Дамир Имери.
Меѓу изведувачите ќе ги видиме Весна Гиновска Илкова, Симон Трпчески и Ѓорѓи Цуцковски од Македонија, Словенката Аленка Готар ќе ја исполни песната „Једина“, Сања Керкез од Србија „Још увек сањам да смо заједно“, „Игри без граници“ и многу други, а ќе настапат и Иво Гамулин – Џани од Хрватска, Еделина Крнева од Бугарија, Иван Томашев од Србија.
Изведувачите ќе бидат придружувани од оркестарот при МОБ, бендот на Тоше и хорот Про Арс, хорот под диригенство на Татарчев.
Четвртиот меморијален концерт за Тоше ќе биде во поинакво светло, налик на новогодишниот Виенски концерт. Со цел да потсети на класичната музика, големата љубов на македонската музичка легенда, човекот со огромно срце и искрена насмевка, топлина и хуманост за секого.
Ова е четврти меморијален концерт во чест на Тоше, со поинаков концепт од изминатите три концерти. Организатори се Министерството за култура на Република Македонија и Меѓународната фондација „Тоше Проески“.
За организација се потрошени 35.000 евра. Дел од парите кои ќе се соберат од влезниците ќе бидат донирани во Детската клиника, каде донираше и Тоше.
“Верувам дека овој концерт ќе разбуди многу емоции”, вели министерката за култура Елизабета Канческа Милевска. Таа најави дека во април оваа година ќе биде промовирана монографијата за Тоше, за неговиот живот и творештво.
Телевизиски пренос ќе има на Сител од 20 часот. Водители се Ирена Спировска и Борче Николовски, поранешен спикер во МТВ.
Пуштени се само 600 влезници во продажба, на касата во МОБ. Во врска со влезниците од 1.200 денари за овој конерт, имаше одредени реакции од фанови, но организаторот, во координација со настапувачите одлучи дека МОБ најмногу одговара за ваков настан, а и дека концертот годинава мора да има свечена форма.
Пробата на сите нaстапувачи е денес од 18 часот.
Валентина Ѓоргиевска ПаргоБезПардон. Мк