Барањето на диригентот Саша Николовски Ѓумар организаторот да му се плати хонорар од 2.000 евра, ги разбранува духовите. Дали диригентот навистина тоа го мислел и тоа било негова одлука, или бил испорвоциран од некои организациони работи, кои не му се допаднале и сметал дека не треба да бидат така?! Ова прашање си го поставија некои негови колеги.
Инаку, сите кои вечерва свират на Меморијалниот концерт за Тоше ќе бидат исплатени по 3.000 денари. Првично станало збор да добијат хонорари од по 6.000 денари за пробите и потрошеното време, но иструменталистите, почестени што ќе настапат на ваков грандиозен концерт во спомен на великанот, самите си го намалиле хонорарот. Некои од нив, се откажале од хонорар, па дури и од самото учество.
Во Оркестарот не смееле да свират хонорарците на МОБ, само оние кои имаат решение дека се вработени таму.
Реакција кај фановите пак предизвика и цената на билетот од 1.200 денари. Другар на Тоше од Крушево, кој е невработен, ни кажува дека секогаш плаќал за хуманитарите концерти за Тоше.
”На сите концерти си плаќав. Билет добив само на последниот концерт на Градски стадион. Тоше тогаш имаше 16 гратиси и ни ги подели на нас другарите од Крушево”, ни објасни другарот.
Така постапувале другарите, почитуваќи ги заложбите на Тоше во име на хуманоста.
Останува да се надеваме дека вечер концертот во чест на големата легенда, ангел, хуманитарец и мисионер, ќе помине без никакви екцеси и без скандали, затоа што тој тоа го заслужува.
Валентина Ѓоргиевска Парго
БезПардон.Мк