„Неговите арии, те сакаме сите“! Под ова мото синоќа во МОБ се собра македонскиот музички крем, да му оддаде почит на легендата Тоше Проески и на свој начин да ги изведе омилените песни на Тоше.
Грандиозно, свечено и достоинствено! Осумсто луѓе во МОБ и милиони пред малите екрани, имаа можност да се почувствуваат како во Миланска скала или на Виенскиот концерт. Околу 140 уметници на сцена, гудачки оркестар под диригентство на Ѓумар и хорот Про Арс под диригентство на Татарчев, бендот на Тоше и звучни оперски имиња, ги изведоа песните кои некогаш ги пееше Тоше.
Овој хуманитарен концерт почна со Glide, а како оперски арии беа изведени големите хитови- Још увијек сањам да смо заједно, Пратим те, Има ли ден за нас, Игри без граници, Тајно моја, Ако одам во Битола.
Акцентот на овој грандиозен концерт, кој се прави во чест на роденденот на легендарниот Тоше (25-ти јануари), беше ставен на првата негова љубов- операта!
Меѓу настапите на многубројните домашни и учесници од регионот, Сања Керкес, Иво Гамулин – Џани, Аленка Готар, Ѓорѓи Цуцковски, Весна Гиновска Илковска…се пуштаа видео снимки со Тоше.
Најмногу внимание привлекоа ексклузивните снимки од операта „Деспина и Мистер Докс“, на Димитрие Бужаровски, во која во 2004 година учествуваше Тоше, како и снимки од неговите изведби на оперски арии, наполитански песни, и македонските традиционални теми, кои Тоше ги пееше со посебно уживање. И изведбата на оперетата посветена на Мајка Тереза.
Маестро Симон Трпчески на пијано ја отсвири темата „Љубена“, а Влатко Стефановски на гитара ги отсвири „Арија“ и „Крушево“, песна за која музиката ја компонираше Тоше. Еден исклучително културен гест на Трпески беше, што откако се поздрави со диригентот, не сакајќи од пултот го турна ливчето со текст за песна, се врати, се наведна, го зеде и го стави на место.
Концертот го затвори македонската оперска примадона Весна Гинова – Илковска, со изведбата на The Hardest Thing, по нејзин избор.
На речиси секоја песна, на видео бим одеа фотографии и снимки од Тоше, и се создаваше алузија како да е тука. Никој не можеше да остане рамнодушпен на снимки на кои доминираше неговата блага насмевка, светнати очи, весел израз и духовна состојба на нирвана.
Сценариото го напиша Огнен Неделковски, а водителите Ирена Спировска и Борче Николовски со својата претставителност му дадоа дополнителен свечен тон на манифестацијата.
Министерката Елизабета Канческа Милеска го проследи емотивниот концерт. Внукот на Тоше, Кристијан, беше смесен во третиот ред, дојде и неговиот прв братучед Божидар Проески, кој некогаш го придружуваше на гитара на „Сонце во твоите руси коси“, чичко му на Тоше, Бојана Тевчева, некогашната девојка. Ја немаше менаџерката Лилјана Петровиќ, неговите блиски пријатели, неговите љубови… Ни маестро Борис Трајанов, ни професорките на Тоше, како ни македонските поп пејачи кои годиниве наназад упорно се наметнуваа дека требало тие да настапат на меморијалните концерти, кои се пренесуваа низ цел Балкан.
Ни фановите на Тоше не дојдоа. Поточно, дојдоа во мал број. Се жалеа на скапиот билет, од 1.200 денари. Трисеттина седишта останаа празни.
Најпразна „слика“ остана со децата, оние кои најмногу ги сакаше. Изостана веселото шепотење во публика. Бевме навикнати на концертите на Тоше да гледаме дечиња кои подзинати ја следеа секоја негова изведба, да го гушкаат, да му подарувата мечиња. Овој пат имаше неколку мали дечиња кои се досадуваа и сакаа да си одат дома. Само тригодишната Дора по концертот изрази желба да се качи на бина и да се поздрави со Влатко Стефановски. Желбата и беше исполнета.
Зад сцена, момчето што годинава го фати Крстот во водите Вардар, на учесниците им подари икони.
Концертот за момент ги залечи раните на присутните. Преку песните и снимките, се дружеа со Тоше. Тука заврши се. А, тој што сите го чекаа…