Каде е насмевката на Тоше, тој зрачеше со енергија, ова не е нашиот ангел, стои во коментарите што фановите на Тоше Проески ги испраќаат под најавата за поставување негова скулптура на Мостот на уметноста. Тие реагираат зашто во скулптурата не можат да го препознаат ликот на нашата музичка ѕвезда.
„Во секое движење, во секој поглед од Тоше извираше благородност, сјајна душа, насмеан лик. Го гледам Тоше на сите фотографи и сам и во друштво со други лица. На секоја слика Тоше доминира, сјае и ги засенува сите околу него. Во скулптурата ја нема таа звезда што сјаеше од него. Дури ми се чини дека на скулптурата Тоше има намуртен лик, црта на иронија. Скулпторот не успеал да ја долови неговата добрина, благородната душа, харизматичноста во него. Идејата е одлична, но не ми се допаѓа како е претставен. Би требало да се поработи на овие моменти за да се претстави стварно Тоше таков каков што бесе, ако е тоа возмозно“, пишува Гордана Волчева.
Револтирани обожаватели„Не се брукајте и не го брукајте ликот и делото на Тоше. Јас не го препознавам Тоше на оваа скулптура. Ова не е тој. Кој знае што гледал скулпторот. Па и конкурсната комисија што гледала? Македонска работа, се што се прави да се рече дека е направено, а колку има вредност не е битно. Само популизам. Под итно да се преработи ликот на Тоше“, реагира друг читател.
Скулптурата со ликот на Тоше ја изработи академскиот скулптор Сретко Јовановски, а ќе биде поставена на Мостот на уметноста во Скопје.
На делото високо два метра прерано починатиот македонски пејач Тоше Проески е претставен со едната рака на срце, а во другата држи микрофон.
- Делото е статично. Не сакав да го претставам многу раздвижен бидејќи во таа положба тој прави гримаси и тоа може да изгледа чудно како скулптура во ликовна смисла. На секој настап по завршувањето на песната секогаш ја ставаше раката кај срцето и велеше: „Ве сакам сите“ - вели авторот Јовановски за „Дневник“.