Спомен куќата на нашиот Тоше Проески е помеѓу 3-те најдобри објекти на Светскиот фестивал на архитектура во Барселона.Најдобриот труд се избира со гласови од цел свет со гласање по електронски пат до на следниов
линк.
Гласањето трае до 4 - ти ноември кога ќе биде прогласен најдобриот светски објект за 2011 година.
Курир ги повикува сите на кои им се допаѓа спомен куќата да гласаат за овој прекрасен и уникатен објект да стане најдобар архитектонски објект во светот.
Годинава за првпат ќе може по електронски пат да се гласа за 65 – те објекти кои ќе бидат изложени на фестивалот, меѓу кои влезе и Меморијалниот центар на прерано починатата македонска ѕвезда.
Спомен-куќата се простира на околу 870 метри квадратни во форма на крст, изградена од бетон и стакло според проектот на архитектите Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски, во соработка со Илија Божиновски, што го реализираше Министерството за култура и Владата на Република Македонија.
Во централниот дел на објектот има молитвеник и верски предмети што ги поседувал Тоше и неколку негови запишани размислувања за вербата, љубовта, семејството, пријателството. На неколку инфоточки осетливи на допир ќе можат да се добијат информации за Тоше.
По должината е изграден ѕид на кој ќе може да се оставаат пораки и впечатоци. Визурата на објектот - крстот како симбол и главен мотив - ноќе е посебно нагласена со осветлувањето. Објектот има и кафетерија, сувенирница со реплики од предметите на Тоше, висински платформи со панорамски поглед на Крушево, хортикултурно уреден простор околу, парк со цреша и амфитеатар за собири и одмор на посетителите.