На само неколку дена пред објавување на крајните резултати, Спомен-куќата на Тоше Проески со убедлива разлика води во трката за најдобра архитектонска градба во светот.Спомен куќата која во негова чест беше изградена во неговото родно Крушево во моментов е на првото место меѓу најдобри објекти на Светскиот фестивал на архитектура во Барселона.
Најдобриот труд се избира со гласови од цел свет со гласање по електронски пат до на следниов
линк.Гласањето трае до 4 - ти ноември кога ќе биде прогласен најдобриот светски објект за 2011 година.
Курир ги повикува сите на кои им се допаѓа спомен куќата да гласаат за овој прекрасен и уникатен објект да стане најдобар архитектонски објект во светот.
Годинава за првпат ќе може по електронски пат да се гласа за 65 – те објекти кои ќе бидат изложени на фестивалот, меѓу кои влезе и Меморијалниот центар на прерано починатата македонска ѕвезда.
Спомен-куќата се простира на околу 870 метри квадратни во форма на крст, изградена од бетон и стакло според проектот на архитектите Дејан Секуловски и Дејан Спасеновски, во соработка со Илија Божиновски, што го реализираше Министерството за култура и Владата на Република Македонија.
Во централниот дел на објектот има молитвеник и верски предмети што ги поседувал Тоше и неколку негови запишани размислувања за вербата, љубовта, семејството, пријателството. На неколку инфоточки осетливи на допир ќе можат да се добијат информации за Тоше.
По должината е изграден ѕид на кој ќе може да се оставаат пораки и впечатоци. Визурата на објектот - крстот како симбол и главен мотив - ноќе е посебно нагласена со осветлувањето. Објектот има и кафетерија, сувенирница со реплики од предметите на Тоше, висински платформи со панорамски поглед на Крушево, хортикултурно уреден простор околу, парк со цреша и амфитеатар за собири и одмор на посетителите.