Пред четири години, на 16 октомври во сообраќајна несреќа загина нашата најголема музичка ѕвезда Тоше Проески. Несреќата се случи во близина на Нова Градишка, Хрватска. Тоше заедно со неговата менаџерка Лилјана Петровиќ и со возачот патуваше кон Загреб каде што требаше да биде гостин во музичка емисија. Балканската поп ѕвезда, Тоше Проески и денеска на четири годишнината од неговата смрт, на Гумење во Крушево ја спои балканската љубов кон музиката и хуманоста.
Ги спои луѓето кои Крушево го чувствуваат како нивни втор роден град, а Македонија нивна единствена татковина. Точно на пладне четирите пиротехнички плотуни на неговиот гроб ја нарушија тишината. Длабоко продреа во болката и во чувствата на илјадниците обожаватели кои беа за да му се поклонат на својот, на нашиот идол, на Тоше и да ги дочекаат маратонците кои во изминативе четири дена од Нова Градишка до Крушево ја истрчаа последната тошева животна патека од 1.100 километри.
„Еден од нас тука, минатата година кажа една убава реченица, Тоше беше ѕвезда на земјата, а сега тој е ѕвезда на небото“, рече Наум Капричевски, маратонец.
„ Чест ми беше што учествував на овој ултрамаратон, на овој начин му оддадов почит на прерано починатиот Тоше кој иако беше млад успеа да не научи што значи верба, што значи љубов и што значи давање помош на луѓето што им е потребна. Тој покажа дека и на овие простори има прекрасни луѓе“, изјави маратонецот Ацо Јовановски.
Над Крушево денеска беа надвиснати црни облаци, но ниту студот и тмурното време не можеа да ја нарушат топлината и љубовта за Тоше.
„ Тој за нас беше пред се голем човек, а потоа и пејач, секако и хуманист. За нас идеално суштество“, вели Слаѓана Поповиќ од Белград.
„ Поминаа четири години и се уште не сме свесни дека го нема. Имаме чувство како да е на некоја турнеја, на некој концерт, дека е тука некаде. Со својот ангелски глас, секавично брзо чекореше по ѕвездените патеки и до врвот на светската слава“, рече Лидија Аневска од Скопје
„ Јас го доживувам како мој идол бидејќи и јас почнав да се занимавам со пеење благодарение на тоа што го видов кај него. Тој беше одличен човек и одличен пејач. Иако сум од Србија често доаѓам во Крушево да го посетам неговиот гроб и да го посетам неговиот роден град“, изјави Андреј Дориќ од Нови Сад
И Занаетчиската комора на Македонија преку своите скопски членови каменорезбари изработи гранитна вазна за Тоше. Ја изработиле за два месеци, тешка е 250 килограми.
„ Сите вложивме труд во ова дело, работевме околу 20 каменорезбари“, вели Мурат Муратоски, каменорезец
Македонската асоцијација „Вешти жени“ со над 1.000 свои членови од 15 градови на манастирот Свето Преображение понудија дел од традиционалните македонски специјалитети. Парите ќе ги донираат за манастирот. Децата од Крушево за четирите години од неговата смрт цртаа за Тоше за да го овековечат неговиот ангелски лик.
Спомен куќата „Тодор Проески“ ширум ги отвори вратите за сите кои денеска беа во Крушево. За 7 месеци ја посетиле над 100 илјади негови поддржувачи, а гробот на Гумење во изминативе четири години над 3 милиони обожаватели од Македонија и од сите балкански земји.
Зоран Момироски