Сто и педесет години од смртта на браќата Миладиновци, 100 години од албанското знаме, 20 години од воведувањето на македонската валута денар и пет години од смртта на Тоше Проески, се меѓу предлозите за одбележување годишнини на значајни настани и истакнати личности во 2012 година.
Има 31 предлог и тие вчера беа разгледани од собраниската Комисија за култура, која е надлежна да ги собира од институциите и да ја утврди конечната програма пред нејзиното изгласување на пленарна седница во Парламентот.
Владата и Министерството за култура се носители на одбележувањето на 150-те години од смртта на струшките преродбеници Димитар и Константин, кои еден по друг умреле во затвор во Цариград, во јануари 1862.
Според Предлог-програмата, Здружението на историчари Албанци во Македонија ќе биде носител на одбележувањето еден век откога албанското знаме првпат се развеало (28 декември 1912 во Валона) и станало официјален симбол на независна Албанија.
Народната банка на Македонија треба да го организира одбележувањето две децении монетарна самостојност (26 април 1992).
Како и во изминатите години, институциите биле инертни и не се одзвале на барањата да достават предлози за годишнини. Па така, пропуштени се 60-годишнините од првиот роман на македонски јазик „Село зад седумте јасени“ од Славко Јаневски и првиот македонски игран филм „Фросина“ по сценарио на Владо Малески, кои СДСМ вчера дополнително ги предложи, но не добија мнозинска поддршка од членовите на Комисијата.
Бехиџудин Шехаби од ДУИ, кој членувал во работната група што ги селектирала предлозите, рече дека е задоволен од составената Предлог-програма во која осум предлози се за културата и историјата на албанската етничка заедница.
- Верувам дека Собранието ќе ги усвои сите и дека 2012-та ќе биде богата со културни манифестации - рече Шехаби.
Полемика имаше за предлогот да се одбележи еден век од именувањето на Мехмет Паш Дерала за министер за одбрана во првата влада на Албанија.
Според Митре Велјановски од СДСМ, неприфатливо е една суверена држава да го слави назначувањето на личности на функции во други држави.
- Ова може да се сфати и како политичка провокација. Вака може сите да бараат да се одбележуваат функциите на министри во други држави. Може да разберам да се одбележува неговото раѓање, но не и за именување за министер во влада на друга држава - рече Велјановски, според кого не е доволно што личноста потекнувала од Гостиварско зашто има и други луѓе од Македонија што имале политички кариери во странство.
Од СДСМ, исто така, забележаа и што некои годишнини не се слават, иако биле дел од конечната програма. Како пример посочија дека лани немало настан за одбележување 70 години од првото изведување на македонската химна, иако била во Програмата за 2011, а носител било Министерството за култура.
На комисиската седница не беа прифатени предлозите на ДПА што пратеничката група на таа партија денеска ги достави дополнително. Повеќето од нив не го исполнувале критериумот временски интервал, што е исто така клучен, покрај историската и културна важност на личностите и настаните. Нив ги предложи Мерал Узеири-Ферати која, како што рече претседателот на Комисијата Гордан Георгиев, иако била дел од петчлената работна група за составување на програмата, не доаѓала на состаноците.
Меѓу годишнините за личности во Предлог-програмата се и 110 од раѓањето на писателите Васил Иљоски и Стале Попов, 100 години од раѓањето на Кирил Пенушлиски, основоположникот на македонската фолклористика, 100 години од смртта на револуционерот Пере Тошев, 70 години од смртта на народните херои Цветан Димов, Мите Богоевски, Стив Наумов, Орде Чопела...
Од културата и историјата на албанската заедница во Македонија содржани се и предлозите 100 години од отворањето на првото приватно училиште на албански јазик во Теарце, 50 години од издавањето на списанието за наука, култура и уметност „Јехона“